ЗА СОВРЕМЕН
ОТВОРЕН И
ИСТРАЖУВАЧКИ
УНИВЕРЗИТЕТ
Проф. д-р Димитар Ташковски
Меѓународна соработка
и интернационализација
Меѓународната соработка на еден универзитет е од примарно значење за подигнување на квалитетот на наставниот процес, научноистражувачката работа и примената на знаењата. Преку меѓународните активности универзитетот им овозможува на своите наставници и истражувачи најквалитетни услови за истражување, а на студентите знаења, вештини и компетенции со кои би биле конкурентни на глобалниот пазар на трудот. Преку меѓународната соработка се придонесува и за зголемување на видливоста и препознатливоста на Универзитетот.
Една од активностите која е клучна за меѓународната соработка е мобилноста на кадарот и студентите. Мобилноста на наставниците е значајна за нивното научно усовршување, додека мобилноста на студентите е значајна за зголемување на нивните знаења и искуство. Наставниците и студентите, преку мобилноста, стекнуваат познанства кои се важни за понатамошна соработка, за нив и за Универзитетот. УКИМ, во поглед на мобилноста на студентите и на наставниот кадар, значително заостанува во споредба со европските универзитети. Мобилност од околу 100 студенти и околу 20 наставници годишно во рамките на Еразмус+ програмата (согласно извештаите за работа на ректорот) е многу малку за еден универзитет од рангот на УКИМ. Во таа насока ќе се преземат мерки за зголемување на овие бројки, главно преку подигнување на капацитетите на Канцеларијата за меѓународна соработка и зголемување на квотите за мобилност, како и преку зголемени активности на координаторите на единиците. Ќе се зголеми транспарентноста и ќе се зголеми протокот на информации поврзани не само со Еразмус+ програмата, преку која главно се изведуваат мобилностите, туку и со останатите програми за мобилност CEEPUS, Marie Curie, Fulbright, Humboldt. Размената на искуства со колеги од регионот и пошироко треба да резултира во позитивна атмосфера на зголемена меѓународна соработка преку која вработените на УКИМ можат да остварат личен професионален развој, а УКИМ и државата да добијат меѓународна препознатливост. Мобилноста е суштински елемент за академскиот развој и истата мора да има значајно место во идните политики на работа на УКИМ.
Ситуацијата со реализацијата на мобилностa на странски студенти и наставници на УКИМ е уште полоша. Како причини за таквата состојба се неусогласеноста на нашите студиски програми со европските и јазичната бариера. За надминување на ваквата состојба најнапред треба да се изврши усогласување на студиските програми со европските, што се потврдува со меѓународна акредитација на студиските програми. Потоа, мора да се понудат студиски програми кои ќе се реализираат на англиски јазик. За таа цел акцент ќе се стави на Joint Master Erasmus Mundus програмата, која овозможува дефинирање на интердисциплинарни магистерски студии помеѓу партнери од европски универзитети и во кои се обезбедени средства за покривање на трошоците за студирање и за престој на студентите. Исто така, посебно треба да се размисли за комплетно реализирање на дел од докторските студии на англиски јазик со што би се привлекле студенти пред сѐ од помалку развиените земји, со што би се подигнал квалитетот на научноистражувачката работа на УКИМ. Со сите овие активности ќе се придонесе и за реализација на концептот “интернационализација од дома” и нашите студенти ќе се подготват за глобалниот пазар на труд и без да реализираат мобилност на некоја од меѓународните високообразовни институции.
Посебно ќе се инсистира за воведување на двојни дипломи на докторски студии со реномирани европски универзитети. Со овие двојни дипломи, ќе се зголеми учеството на УКИМ на европскиот простор за високо образование, ќе се подобри меѓународната соработка, ќе се зајакне меѓународната димензија на докторските студии, ќе се поттикне мобилноста на докторандите, но ќе се подобри и научната соработка помеѓу меѓународните истражувачки центри и истражувачите од УКИМ.
За привлекување на странски студенти, ќе се зголеми видливоста на студиските програми и меѓународната активност на УКИМ главно преку поставување на англиска верзија на веб страниците на единиците и на УКИМ, а ќе се подготват и промотивни материјали. Со цел да се олесни доаѓањето и престојот на странските студенти во С.Македонија ќе се подготват информациски пакети, а ќе се организира и помош во процесот на обезбедување сместување за студентите.
Покрај мобилноста, за зголемување на меѓународната видливост на УКИМ од посебно значење е вклучување на УКИМ во меѓународни мрежи и асоцијации, како и учество во меѓународни проекти. УКИМ е водечка институција во земјата по број на меѓународни проекти и склучени договори со странски високо образовни институции. Но сепак, активноста во реализација на тие договори е главно на одредени поединци, а не како некоја стратешка активност на УКИМ. Треба да се направи поцврста соработка со одреден број на универзитети преку приклучување во одредена мрежи или формирање на нова мрежа. За таа цел, приоритет ќе биде подготовка на апликација за последниот повик во рамките на иницијативата European Universities, како дел од повикот Partnerships for Excellence од новата Еразмус+ програма. Мрежите формирани во рамките на иницијативата European Universities овозможуваат подлабока системска соработка, која е клучна за видливоста и развојот на универзитетите во меѓународниот високообразовен простор.
За зголемување на видливоста на Универзитетот и воспоставување на нови истражувачки соработки, ќе се поттикнува организација на меѓународни конференции како и на работилници во рамки на тековни меѓународни проекти. Покрај можноста за креирање на контакти со меѓународни истражувачи, истите се одлична можност и за нашите млади истражувачи да стекнат искуство и да објавуваат и презентираат истражувачки трудови, во услови кога трошоците за патувања во странство се големи, а изворите за покривање на истите се мали. Овие конференции и работилници се и одлична можност за привлекување на афирмирани научници и уметници во С. Македонија.
Ќе се интензивира соработката со Центарот за напредни интердисциплинарни истражувања на УКИМ. Користејќи го меѓународното искуство и постигнатите резултати на нашите научници од дијаспората може да се придонесе за поголема видливост на УКИМ и подобрување на резултатите во научноистражувачката дејност. Во таа насока, овие наши научници треба да ги ангажираме како визитинг професори, истражувачи на проекти па и да ги мотивираме својата кариера да ја продолжат на УКИМ.
Главни цели
- Поттикнување на мобилност на кадарот и на студентите
- Меѓународна акредитација на судиските програми
- Акредитација на студиски програми на англиски јазик
- Воведување на двојни дипломи на докторски студии
- Вклучување на УКИМ во меѓународни мрежи и асоцијации