ЗА СОВРЕМЕН
ОТВОРЕН И
ИСТРАЖУВАЧКИ
УНИВЕРЗИТЕТ
Проф. д-р Димитар Ташковски
Обезбедување
на квалитет
Под обезбедување на квалитетот се подразбираат сите политики, процеси, активности и механизми со кои се дефинира, одржува и развива квалитетот на високообразовната институција. Едноставно кажано, обезбедување на квалитет е континуиран процес кој овозможува исполнување на одредени стандарди за квалитетно образование. Со цел интегрирање на УКИМ во европскиот образовен простор овие стандарди треба да бидат усогласени со европските стандарди (како на пример Standards and Guidelines for Quality Assurance in the European Higher Education Area). Важно е да се напомене дека обезбедување на квалитетот не се однесува само на наставниот процес, туку на сите дејности на единиците и на Универзитетот во целина.
Обезбедувањето на квалитетот се базира на автономијата на секоја единица на УКИМ и на нејзината одговорност за квалитетот на образованието кое го нуди на своите студенти. Главната проверка на квалитетот на УКИМ се реализира во постапката на самоевалуација која согласно Законот за високо образование и Статутот на УКИМ се реализира на период од најмногу три години. На мислење сум дека УКИМ и неговите единици малку внимание посветуваат на обезбедување на квалитетот. Мал е бројот на единиците кои имаат воспоставен систем за управување со квалитет, кои вршат континуирано следење на сите процеси и кои преземаат мерки за подобрување на истите. Акциски план со корективни мерки по извршена самоевалуација речиси и да не се прави, па не може да се следи и евентуалното подобрување на процесите.
Нема сомнение дека доколку сакаме да се интегрираме во европскиот образовен простор мора да посветиме поголемо внимание на културата на квалитет која претставува база за унапредување на наставниот процес, истражувањето и услугите кои ги даваме. Квалитетот на УКИМ потекнува од културата на квалитет на секој вработен и мора да биде резултат на делувањето на секој вработен во насока на унапредување на сопствената работа. Во таа насока преиспитувањето на сопствената работа на секој вработен е клуч за развој на Универзитетот. Затоа, резултатите од самоевалуацијата, пред сѐ од студентската анкета, треба добро да се анализираат и да не се подразбираат како критика, туку како поддршка за унапредување на процесите на работа. Сепак, за добивање на порелевантни резултати од студентската анкета, ќе мора да се направи промена на структурата и на начинот на реализација на истата, која би требало да биде еден од клучните показатели за квалитетот на наставната дејност.
За институционално зајакнување на културата на квалитетот потребно е да се воведе Систем за управување со квалитет со што ќе се постигне ефикасно, одржливо и континуирано подобрување на сите процеси на УКИМ и ќе се развие ефикасна околина за работа на сите чинители, наставници, административни служби и студенти.
Воспоставување на соодветни и функционални организациски структури се предуслов за имплементирање на Системот за управување со квалитетот. Затоа, од исклучителна важност е да се формираат тела кои ќе бидат одговорни за обезбедување на квалитетот. Ќе се предложи формирање на Совет за обезбедување на квалитетот како стручно тело на Сенатот за планирање и анализирање на процесот на обезбедување на квалитетот, и Канцеларија за обезбедување на квалитетот како административна служба за поддршка на работата на Советот. На ниво на единици ќе се формираат комисии за обезбедување на квалитет кои би го воделе процесот. Проректорот за настава ќе биде одговорен за целиот процес на имплементирање и следење на квалитетот. За воведување на Систем за управување со квалитет како и за дефинирање на организациските структури за негово имплементирање ќе бидат предложени промени во Статутот на УКИМ и на единиците.
Основна цел на Советот и на работните групи во почетниот период ќе бидат промоција на идејата за обезбедување на квалитетот и придобивките кои произлегуваат од евалуација на нашата работа. За таа цел ќе се организираат семинари и работилници на кои ќе се дискутира за потребата од обезбедување на квалитетот и но и ќе се разменуваат искуства за обезбедување на квалитетот. Потоа, ќе се донесат документи кои ќе овозможат воспоставување на Систем за управување со квалитетот, како Политика за обезбедување на квалитетот на УКИМ, Правилник за системот за обезбедување на квалитетот, Прирачник за обезбедување на квалитетот и сл., кои треба да бидат темел за развој на Системот за управување со квалитетот. Со воведување на интерните процедури и механизми за планирање, менаџмент и евалуација на квалитетот во сите области на делување (настава, научноистражувачка дејност, трансфер на знаење, како и во процесот на административно работење) ќе се изврши комплетна трансформација на работата на УКИМ. Со нивно правилно воведување, следење и подобрување ќе се унапреди целата култура на квалитет и ќе се овозможи поефикасно и поедноставно функционирање на сите вработени и на студентите.
Со цел да се олесни процесот на следење на сите активности, ќе се развие информациски систем за собирање и анализирање на податоците, врз основа на кои ќе се развијат алатки за обработка и анализа на истите.
Главни цели
- Промоција на културата на квалитет
- Дефинирање на стандарди за квалитетно образование
- Воспоставување на систем за управување со квалитет