ЗА СОВРЕМЕН
ОТВОРЕН И
ИСТРАЖУВАЧКИ
УНИВЕРЗИТЕТ
Проф. д-р Димитар Ташковски
Трансфер на знаење
и технологии – врска
со општеството
Согласно Агендата за модернизација на високото образование во Европа, високото образование, базирано на истражување и иновации, има пресудна улога во развојот на општеството главно преку креирање на човечки потенцијал кој е неопходен за развој на општество базирано на знаење. Во таа насока, следејќи го примерот на САД, главните политики на ЕУ се насочени кон креирање на високообразовни институции кои се проактивни и претприемачки со цел да придонесат за економскиот развој на општеството и да станат активни чинители на развојот на општеството.
Голем број на студии за степенот на иновативност покажуваат дека во С. Македонија компаниите генерално не креираат додадена вредност, не се конкурентни, бројот на патенти и иновативни решенија е мал, како и бројот на успешни спин-оф и старт-ап компании. Тоа е и разбирливо ако се знае дека компаниите многу малку вложуваат во истражување и развој. Од друга страна голем дел од истражувањето кое се прави на универзитетите во С.Македонија останува неискористено. Затоа, потребно е поголемо поврзување на науката и општеството, а со цел унапредување на истражувањето и развојот, како и трансферот на знаење и технологии помеѓу универзитетите и општеството (компаниите и јавниот сектор).
УКИМ има потенцијал да се справи со овој предизвик и да ги стави на располагање своите капацитети, а со цел да се овозможи економски развој на општеството. Овој потенцијал може да им помогне на нашите компании да ги унапредат своите производи и услуги со извесна доза на иновација со која би можеле да остварат додадена вредност и да успеат да се пласираат на глобалниот пазар. Соработката со компаниите е од големо значење и за Универзитетот, бидејќи овозможува развивање на практичните знаења на студентите како и поттикнување на иновацискиот дух кај студентите. Трансферот на знаење и технологии го зголемува угледот и репутацијата на Универзитетот како и на самите истражувачи, ја зголемува можноста за континуирана соработка со компаниите и добивање на нови проекти, води до објавување на трудови во реномирани списанија (иако процесот на објавување е нешто побавен), но и обезбедува средства за нови истражувања.
Како позитивен пример ќе го истакнам формирањето на Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ, кој го формиравме на ФЕИТ со јасно фокусирана цел за подобрување, зајакнување и стимулирање на трансферот на знаења од академската средина кон постоечки и нови иновативни мали и средни претпријатија. Дополнителна мотивација беше вклучувањето на иновациите како битна компонента, покрај наставната и научно-истражувачката компонента, во работата на Универзитетот. Центарот стана препознатлив во државата, но и во регионални рамки. Одреден број на компании ја согледаа улогата на науката за нивниот развој и за кратко време реализирани се преку 20 проекти кои завршија и со комерцијални продукти, а во чија реализација учествуваа и голем број студенти. Позитивното искуство од работењето овозможи и дополнителен развој на ИНОФЕИТ преку формирањето на првиот целосно оперативен дигитален иновациски хаб (ДИХ) во С. Македонија кој веќе е сериозен партнер во процесот на дигитализација во државата. Убеден сум дека сличен капацитет постои и на голем број други единици на УКИМ и потребно е тој капацитет да се стави на располагање на општеството, а повратниот ефект да влијае на развојот на единиците.
Во таа насока, со цел максимално да се искористат резултатите од научноистражувачката работа на УКИМ, во мандатниот период акцент ќе биде ставен на иновациската компонента на научноистражувачката работа за што е потребно да се преземат активности за поттикнување на иновациите и развој на истражување насоченo кон иновации. Притоа, приоритетно е да се зајакне соработката со индустријата пред сѐ на делот во трансфер на технологии, што е важен услов за економски развој на државата.
Во таа насока ќе предложам да се воведе проректор за трансфер на технологии и иновации, а секторите наука и меѓународна соработка да се спојат и раководат од еден проректор. Ова е битно за развојот на УКИМ и негова трансформација кон истражувачка институција која ќе биде двигател на економскиот развој на државата. Во надлежност на проректорот за трансфер на технологии и иновации ќе бидат следните активности:
- Политиката за трансфер на технологии и иновации
- Соработка со домашни и интернационални компании, владини институции и други истражувачки институции
- Патентирање и лиценцирање на интелектуалните права
- Поттикнување на претприемништво и иновации
- Промоција на старт-ап културата во науката и наставата, и поддршка на старт-ап компании
Иако Политиката за интелектуална сопственост на УКИМ е донесена уште во 2013 година, соодветните акти за имплементирање на истата не се донесени што фактички значи дека на УКИМ се уште нема дефинирани правила во врска со заштитата на интелектуалните права и во врска со комерцијализација на резултатите од истражувањето. Поради ова се губат значителни средства кои можат да се искористат за развој на УКИМ, на единиците и за личен развој на истражувачите. Затоа, еден од приоритетите во почетниот период ќе биде донесување на овие правила и информирање на вработените и студентите за истите.
Како административна поддршка на проректорот за трансфер на технологии и иновации, а со цел подобрување на условите за активностите поврзани со трансфер на технологии, ќе се формира Канцеларија за трансфер на технологии. Основна цел на Канцеларијата за трансфер на технологии е да им даде информација и практична поддршка на наставно-научниот кадар, компаниите и на студентите во делот на трансфер на технологии. На почеток, промоција на важноста за трансфер на технологии и на соработката со индустријата ќе биде примарна цел на оваа Канцеларија. Потоа, преку организирање на работилници и објавување на соодветни прирачници истражувачите ќе се запознаат со неопходното специфично знаење за соработката со индустријата, правните аспекти за заштита на интелектуалната сопственост, лиценцирање и сл. И конечно, оваа Канцеларија ќе ги извршува и административните работи неопходни за трансферот на технологии и ќе ги мотивира истражувачите да ги имплементираат нивните истражувачки резултати во пракса, односно
- ќе се поттикнуваат и системски ќе се поддржуваат проекти кои овозможуваат трансфер на технологии, комерцијализација на резултатите од истражувањето и заштитата на интелектуалната сопственост
- ќе се поттикне процесот на пријава на патенти и ќе се обезбедуваат средства за самата постапка
- ќе се поттикнува отворањето на спин-оф и старт-ап компании
На веб страната на Канцеларија за трансфер на технологии, единиците на УКИМ ќе ги презентираат своите активности и можности за соработка во делот на трансфер на технологии со компаниите и јавниот сектор, студентите и истражувачите. Секоја единица ќе има можност да ги претстави основните области на истражување и активности кои можат да придонесат за решавање на актуелните предизвици со кои се соочува општеството и за кои можат да предложат решенија за потенцијалните партнери. Партнерите од компаниите и јавниот сектор ќе се информираат за тековните проекти како и за научните резултати, кои ќе ги мотивираат да се приклучат кон тековните или да предложат нови проекти. Студентите ќе се мотивираат за креативно и иновативно делување.
Еден од приоритетите во наредниот период ќе биде и прераснување на Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ во Центар на извонредност. Акцентот ќе биде ставен на применети истражувања и иновации. Финансирањето ќе биде преку истражувачки проекти како и договорно истражување со стопанството. Центарот ќе биде можност за здружување на истражувачките капацитети на УКИМ, формирање на интердисциплинарни истражувачки тимови за поголеми истражувачки и иновативни проекти, преку кои ќе може да се ангажира млад истражувачки кадар. Преку Центарот ќе се обидеме да привлечеме и вратиме некои од нашите истражувачи кои работат на реномирани универзитети и истражувачки центри во светот, што секако позитивно би влијаело на развојот на УКИМ.
ЕУ воспостави неколку институции, како на пример EIC (European Innovation Council) и EIT (European Institute of Innovation and Technology) со цел преку проектни програми да ги поттикнат компаниите и истражувачките центри за развој на нови пропулзивни технологии како и за зголемување на иновациите кои значително ќе влијаат на перцепцијата и функционирање на општеството. Интензивирање на соработката на компаниите со универзитетите и истражувачките центри е еден од предусловите за користење на средствата од програмите на овие институции. Бидејќи еден од главните предизвици на нашите компании е подготовка на самите апликации, Центарот за трансфер на технологии и иновации ИНОФЕИТ во координација со соодветните истражувачките тимови ќе дава поддршка и во подготовка на самите проектни апликации, кои потоа доколку се добијат заеднички ќе се имплементираат.
За подобрување на соработката со општеството ќе се инсистира на што поголемо учество на единиците на УКИМ, преку нивните вработени, во различни тела (разни агенции, јавни и приватни институции, стопански комори) и проекти од јавниот и приватниот сектор. На овој начин покрај поддршката во работата на овие тела, ќе се воспостават подобри партнерски односи со главните чинители во државата што претставува можност за креирање на иновацискиот екосистем во државата преку кој може да се поттикне економскиот развој и квалитетот на животот во државата.
За подобрување на соработката со јавниот и приватниот сектор, ќе се залагам и за имплементирање на концептот за доживотно учење на УКИМ. Поради брзиот развој на технологијата, промена во процесите на производство, динамичниот развој на економијата стекнатото високо образование брзо застарува и не е во можност да одговори на барањата на економијата и на општеството во целина. Доживотното учење е важно за стекнувања на основни компетенции и вештини и за слушатели кои немаат академски дипломи. Во таа насока, ќе се формира Центар за доживотно учење кој ќе го води целиот процес, од дефинирање на обуките до акредитација на истите кај соодветните државни органи. Покрај наставниот кадар на УКИМ во процесот ќе бидат вклучени и стручњаци од приватниот и јавниот сектор. Преку овој Центар, покрај подобрување на соработката со јавниот и приватниот сектор, ќе се подобруваат и компетенциите на вработените како и финансиската состојба на Универзитетот.
Главни цели:
- зајакнување на иновациската компонента на научноистражувачката работа – истражување насочено кон иновации
- зајакнување на административната поддршка за трансфер на технологии
- поттикнување на научноистражувачки и развојни проекти со приватниот и јавниот сектор
- прераснување на ИНОФЕИТ во Центар на извонредност
- имплементирање на концептот за доживотно учење