ЗА СОВРЕМЕН
ОТВОРЕН И
ИСТРАЖУВАЧКИ
УНИВЕРЗИТЕТ

Проф. д-р Димитар Ташковски

Управување и

организација

на работа

УКИМ, и покрај тоа што е интегриран универзитет, не ги користи целосно придобивките на својата интегрираност. Истата е повеќе формална, се однесува на управувачките процеси и е изведена со цел да не се нарушат основните процеси и постапки на единиците кои долго време беа независни правни субјекти. Но, времето покажа дека ваквата интегрираност честопати ги усложнува и забавува процесите и постапките, а многу малку влијае на подобрување на работните процеси и развојот на УКИМ согласно современите европски трендови. На пример, процесот на акредитација/реакредитација на студиски програми укажува на доминантност на единиците во однос на Универзитетот бидејќи УКИМ нема процедура за проверка на квалитетот на студиските програми и, следствено, ретко се влегува во суштинска дебата за истите (освен ако нема евентуално поклопување и/или навлегување во областите на единиците). Процесот вклучува 5 инстанци почнувајќи од институт/оддел/катедра кој предлага студиска програма, преку Наставно-научен совет, Комисија за настава на УКИМ, Ректорска управа и Сенат заради доставување до Одбор за акредитација. На крајот, забелешките од Одборот се праќаат и корегираат само од институтот/одделот/катедрата што укажува на неефикасна и административно комплицирана постапка со мало или никакво влијание од другите инстанци. Уште повеќе, како резултат на овој пристап, се случува да се појави непотребно препокривање на содржините што ги нуди Универзитетот, а тоа најмногу оди на штета на студентите.

Факт е дека единиците на УКИМ се различни по големина, областите што ги покриваат се различни, од многу тесни до многу широки, а дополнително сите единици не се на исто ниво на развој. Секоја единица на УКИМ има свои специфики, свој развоен пат и нема сомнение дека треба да продолжи да делува независно, односно да има автономија во управувањето и финансиското работење како и во дефинирање на своите стратешки приоритети. Но, со новите концепти и улоги на универзитетите во современото општество формалната интеграција може негативно да влијае на развојот на УКИМ, а со тоа и на развојот на неговите единици. Потребна е суштинска интеграција со цел да се искористат предностите на интегриран универзитет. УКИМ мора брзо да реагира на потребите на пазарот и да нуди интердисциплинарни студиски програми (за што има и човечки капацитет и лаборатории) со цел да се зголеми понудата за студентите согласно барањата на општеството. Во таа насока е неопходен искрен пристап од единиците без непотребна конкуренција затоа што само на тој начин ќе ги користиме предностите на интегриран универзитет и во научноистражувачката работа, меѓународната соработка и трансферот на знаење. Дополнително, стратегијата за паметна специјализација на државата ќе ја наметне потребата од интердисциплинарност, а УКИМ мора подготвено да ја дочека оваа ситуација.

Суштинска интеграција на единиците на УКИМ, преку поттикнување на хоризонтална соработка во делот на студиските програми, обезбедување на квалитет, научноистражувачка работа и трансфер на знаење ќе биде еден од приоритетите во мандатниот период. Веќе спомнав за одредени активности во таа насока, како што е подигнување на капацитетите на Канцеларијата за меѓународна соработка и на Центарот за кариера, отворање на нови канцеларии, пред сѐ Канцеларијата за трансфер на технологии, Канцеларијата за обезбедување на квалитет, Центар за инклузивно образование, Центар за унапредување на компетенциите на наставниците, формирање на Фонд за наука и развој. Во почетниот период, дел од овие канцеларии и центри ќе се формираат на одредени единици кои веќе имаат вакви центри и канцеларии и имаат стручен кадар и просторни можности, а ќе ги опслужуваат сите единици на УКИМ. Активностите кои ќе се организираат во рамките на овие канцеларии и центри треба да поттикнат соработката помеѓу факултетите и пренесување на искуства во различни дејности, како квалитет на настава, поддршка на студентите, студиски програми, научноистражувачка работа, меѓународна соработка, трансфер на технологии и иновации. Ова може да доведе до окрупнување на кадровските и просторните капацитети како и максимално искористување на опремата, што ќе доведе до зајакнување на позицијата на УКИМ во европскиот образовен простор. Исто така, очекувам оваа соработка да влијае на поттикнување на чувство на поголема припадност кон УКИМ од страна на кадарот и студентите, што мислам дека ни недостасува.

Согласно воспоставениот Систем за обезбедување на квалитет редовно ќе се врши евалуација на понудените услуги во канцелариите и центрите со што ќе се обезбедат предуслови за континуирано подобрување на работата на истите.

Имајќи ги во предвид ограничените човечки ресурси и финансиски можности на единиците, ваквата интеграција со централизација на некои активности на ниво на УКИМ во голема мерка ќе ја зголеми ефикасноста и квалитетот на понудените услуги на целиот УКИМ. На овој начин би се намалиле голем дел од разликите кои постојат помеѓу единиците на УКИМ и би се овозможило рамномерен развој на истите.

За подигање на соработката помеѓу единиците на УКИМ, по иницијатива на ректорот континуирано ќе се организираат средби со деканите, најнапред на ниво на научни подрачја. Потоа се очекува овие средби да се прошират и меѓу единиците од различни научни подрачја, согласно дефинираните приоритетни области на истражување. И конечно, сите овие активности треба да ги поттикнат комисиите на Ректорската управа како и Сенатот за посуштинска дебата за клучните прашања за идниот развој на УКИМ. 

За подобрување на квалитетот на УКИМ во сите дејности како и за поттикнување на континуиран развој на сите единици на УКИМ, треба да се дефинираат и стратешки насоки за развој на ниво на УКИМ. Затоа ќе предложам да се донесат повеќе стратегии, меѓу кои:

Единиците ќе треба своите стратегии да ги усогласат со стратегиите на УКИМ и ќе треба да донесат и акциски планови со цел да се следи развојот на единицата согласно целокупната стратегија на УКИМ. Ќе се организираат годишни средби помеѓу ректорот и деканите за разгледување на преземените активности во текот на годината.

Универзитетски служби и сервиси

Процесот на административна интеграција на Универзитетот не е комплетно завршен. Административните служби на Ректоратот не се доволно поврзани и координирани со соодветните служби на единиците, што доведува до неефикасност и бавност во решавање на тековните прашања. Истите не се доволно препознаени како заеднички служби кои обезбедуваат поддршка и услуги за конкретни активности. Достапноста на информации не е доволна на сите нивоа, а често и начинот на комуникација е персонализиран.

Со цел поефикасна, побрза и поквалитетна комуникација со единиците на УКИМ, а врз основа на посуштинска анализа на работните процеси на целиот универзитет ќе се изврши реорганизација на Стручните служби на ректоратот. Голем дел од процедурите ќе се ревидираат и реорганизираат со цел да се обезбеди поефикасно работење. Во овој дел посебно е важно да се унапреди системот на собирање и обработка на податоци на ниво на УКИМ, со што ќе се намали ангажираноста на сите членови на УКИМ во процесот на доставување и собирање на податоци. Исто така, ќе се формира систем за едноставно и правовремено информирање што ќе доведе до помало оптоварување на сите членови на УКИМ и до поефикасни работни процеси кои ќе водат до брзо и квалитетно донесување на одлуки. Крајната цел е да се креира опкружување во кој комуникацијата помеѓу Ректоратот и единиците ќе биде отворена и двонасочна со цел да се обезбеди ефикасно работење.

Главни цели