ЗА СОВРЕМЕН
ОТВОРЕН И
ИСТРАЖУВАЧКИ
УНИВЕРЗИТЕТ
Проф. д-р Димитар Ташковски
Човечки
ресурси
Кадровскиот потенцијал и неговото континуирано усовршување и обновување претставува основен двигател за остварување на целите на било која институција. Без секакво сомнение една од најголемите вредности на УКИМ пред сè е наставниот кадар кој е формиран со години и истиот е главната гаранција за неговата светла перспектива. Долгогодишната политика на државата да не обезбедува нови работни места, дури и кога професорите заминуваа во пензија, има негативен ефект на развојот на УКИМ. И покрај тоа што во последните неколку години се реализираа вработување на поголем број единици, УКИМ се уште се соочува со сериозен проблем во однос на обезбедување на научен подмладок. Овој застој во кадровскиот развој на УКИМ дефинитивно влијае на квалитетот на настава, каде малите групи за учење се предуслов за реализација на наставата базирана на резултатите од учењето, како и на квалитетот на научноистражувачката работа, посебно во делот на новите технологии каде се чувствува голем недостаток на кадар. Сепак, негативниот ефект од ваквата ситуација најмногу ќе го почувствува државата во сите свои сегменти, а пред сè во економијата.
Со цел да се надополни недостатокот на кадар на УКИМ, преку континуирано презентирање на потребата за вработување пред релевантните министерства, цврсто и одлучно ќе се залагам за обезбедување на нови работни места. При тоа, како основен принцип ќе барам да се воспостави правилото за секое пензионирање на било кој кадар да се обезбеди ново вработување. Дополнително, со цел правичен и рамномерен развој на сите единици на УКИМ, ќе се направи анализа на моменталната состојба со кадровскиот потенцијал на сите единици, ќе се дефинира потребата за нови вработувања по што ќе се направи тригодишен план за вработување на УКИМ согласно дефинирани приоритети, како што се потребите за изведување на наставата, научноистражувачката работа, потребите на општеството и сл. и континуирано ќе се следи реализацијата.
Бидејќи квалитетот на наставниот кадар е од клучно значење за подигнување на нивото на наставната и научната работа, континуирано ќе го поттикнуваме процесот на усовршување на кадарот, преку ново воспоставените Центар за е-учење, Центар за унапредување на компетенциите на наставниците, Канцеларија за меѓународна соработка, Центар за трансфер на технологии. Како што беше наведено во делот Меѓународна соработка и интернационализација, со цел да се оствари меѓународна препознатливост и подигање на истражувачките капацитети на вработените посебен акцент ќе се стави на поттикнување на мобилноста на кадарот. На тој начин ќе се создадат и предуслови за поттикнување на меѓународната соработка и поедноставно интегрирање на УКИМ во европскиот високообразовен простор. Верувам дека подобро информирање на кадарот за можностите за мобилност, планирање на мобилноста посебно за младиот кадар и нивна замена за време на отсуството, може да придонесе за зголемување на мобилноста.
Во услови кога платата на асистентите е веќе далеку под просекот во државата, кога нема национални научноистражувачки проекти, кога не постојат стипендии за магистранти и докторанди се поставува прашањето за мотивација на младиот кадар за вклучување во образовниот процес на УКИМ. Како илустрација, одредени факултети пред се од техничко-технолошкото подрачје тешко обезбедуваат квалитетен кадар и доколку добијат место за вработување. Ова може да има несогледливи негативни последици за развојот на УКИМ. Додека надлежните не ја разберат улогата на високото образование за развојот на државата и не почнат со сериозна поддршка на истото, како општествено одговорна институција УКИМ мора да преземе мерки за усовршување и напредување на младиот наставен кадар. Затоа од исклучителна важност е обезбедување на што поголем број на меѓународни проекти преку кои младите ќе можат да го реализираат своето истражување како и поттикнување на мобилноста. Ќе мора да се обезбедат и средства за покривање на школарината за докторски студии на вработените асистенти.
Ќе се унапреди системот за наградување на УКИМ. Покрај наградите за научно-истражувачка работа ќе се воведат и награди за извонредност и во другите дејности, на пример наставната, уметничката и иновациската, со цел да се истакнат нивните придонеси, но и да се поттикнат останатите за постигнување на поквалитетни резултати. Ќе се актуелизира институцијата професор емеритус, со цел да им се оддаде признание на нашите најзаслужни професори, да им се овозможи и понатамошна работа, но и пренос на знаење, од што најмногу корист би имале студентите и кадарот на УКИМ.
Работата на административната служба е од голема важност за ефикасно делување на УКИМ. Состојбата со расположливиот кадар во службите на голем број единици е исто така загрижувачка. Покрај новите вработувања, акцент ќе се стави и на процесот на дигитализација, како и на реорганизација на работата со цел да се овозможи ефикасна двонасочна комуникација помеѓу службите во ректорат и единиците. За ефикасно функционирање на службите ќе се поттикнува континуирана дообука на административниот кадар.
Човечките ресурси се темел за успешно функционирање на било која институција. Затоа, мора да постои меѓусебно почитување и соработка меѓу вработените на УКИМ со цел да се овозможи позитивна работна атмосфера која е гаранција за успешна работа и студирање. Во рамките на системот за управување со квалитет, посебно внимание ќе се посвети на унапредување на процедурата за проверка на задоволството на студентите, наставниот и административниот кадар и резултатите од оваа проверка ќе бидат клучни за унапредување на политиките поврзани со развој на човечкиот потенцијал и со работењето.
Главни цели
- Обезбедување на нови работни места преку реализација на тригодишна програма за вработување
- Континуирано усовршување на наставниот и административниот кадар
- Континуирано следење на задоволството на вработените и студентите и унапредување на условите за работа