ЗА СОВРЕМЕН
ОТВОРЕН И
ИСТРАЖУВАЧКИ
УНИВЕРЗИТЕТ
Проф. д-р Димитар Ташковски
Финансирање
Успешната работа на Универзитетот во голема мерка зависи од финансирањето. Финансирањето на високото образование во С. Македонија се сведува на обезбедување на средства за плати за вработените кои се добиваат од буџетот како и од партиципација и школарина од студентите. Платите на наставниот и административниот кадар се под секакво ниво на достоинство. Средствата кои се добиваат од студентите главно се трошат за материјални трошоци за одржување на наставата како и за одржување на објектите на единиците. Од друга страна, нема научноистражувачки проекти финансирани од државата што негативно влијае на развојот на научноистражувачката дејност.
Со цел да се подобри моменталната состојба, односно да се подобри квалитетот на наставата и науката, да се подобрат условите за работа и да се поддржи развојот на наставно-научниот кадар, ќе мора да се воспостави континуирана комуникација и соработка со МОН и со Владата. УКИМ мора биде партнер на МОН и Владата во креирање на буџетот на С. Македонија со цел да ги реализира своите стратешки цели. Во овој дел, нашите напори главно ќе бидат насочени кон:
- усогласување на нивото на платите во високото образование со останатите буџетски корисници од сличен ранг (здравство, правосудство и сл)
- вработување на научен подмладок и обезбедување на средства за негово усовршување
- покривање на материјалните трошоци за реализација на наставата
- доделување на средства за научноистражувачката работа на единиците
- зголемување на средствата за капитални инвестиции на единиците
Притоа, посебно ќе се залагам за обезбедување на услови за работата на факултетите од областа на уметноста. Треба да се дефинира посебен систем на вреднување и финансирање кој ќе се базира на спецификите на нивната настава. Со тоа ќе се обезбеди финансиска стабилност на овие единици и акцент ќе се стави на квалитетот на наставата и на уметничкото творештво со што истите би дале значаен придонес во развојот на културата и уметноста во државата, како и за промоција на истата во регионални и европски рамки.
Исто така ќе се залагам за обезбедување на средства за реализација на основата дејност на институтите на УКИМ.
На мислење сум дека целосна финансиска интеграција на УКИМ, во овој момент не е добро решение и може да го доведе во прашање развојот и на тие неколку единици кои имаат зголемени приходи од партиципација и школарина од студентите и од применувачка дејност, а нема значително да ја подобри состојбата кај останатите единици. Но, со цел да се обезбеди рамномерен развој на сите единици ќе се направи промена во Правилникот за интегративни функции, односно ќе се направи промена во структурата на намената на овие средства. Ќе се зголемат средствата за подобрување на условите за работа како и за реализација на дејноста на оние единици кои имаат релативно мал број на студенти, релативно големи материјални трошоци и релативно мали можности за поголеми сопствени приходи. Исто така, ќе се обезбедат и средства за функционирање на дел од канцелариите и центрите кои се предвидени да се воспостават со оваа програма, а кои ќе им даваат услуги на сите единици и студенти.
Со оглед на досегашниот однос на државата кон високото образовaние и состојбата во која се наоѓа државата по здравствената криза и енергетската криза, немам сомнение дека лошата финансиска ситуација на УКИМ ќе потрае уште некое време. Затоа работењето на ректоратот и на единиците мора да биде оптимизирано. Средствата мора да се користат крајно рационално, ефикасно и транспарентно. За обезбедување на услови за работа, за унапредување на наставата и за реализација на научноистражувачката дејност мора да се обезбедуваат и алтернативни извори на финансирање на единиците и Универзитетот. Некои од нив се наведени во претходните поглавја, но сепак акцент ќе биде ставен на:
- Повлекување на средства од европските фондови преку зголемување на бројот на апликации за меѓународни истражувачки, развојни и иновативни проекти. Овие проекти се одлична можност да се добијат средства за научноистражувачка работа и за опрема, за ангажирање на млад кадар, објавување на научни трудови, учество и организација на научни собири, работи кои се клучни за остварување на научни резултати. Затоа, повторно ќе истакнам, мора да се направат напори за мотивација и обука на наставниот кадар за подготовка на апликации за меѓународни проекти.
- Интензивирање на соработката со приватниот сектор во подрачјето на истражување и иновации со цел развој на нови производи и услуги кои можат да се комерцијализираат. На овој начин можат да се зголемат приходите на единиците, но и да се ангажираат млади истражувачи.
- Развивање на програми за доживотно учење – самостојно или со заинтересираните субјекти од стопанството. Треба да се подготват голем број на обуки и курсеви како дел од системот за доживотно учење.
Главни цели
- Зголемување на платите на вработените на УКИМ
- Воспоставување на партнерски однос сo МОН и Владата на РСМ при креирање на буџетот на УКИМ
- Обезбедување на средства за материјални трошоци, за научноистражувачка дејност и за капитални инвестиции од буџетот на РС Македонија
- Вработување на научен подмладок
- Обезбедување на алтернативни извори на финансирање на дејностите на единиците