ЗА СОВРЕМЕН
ОТВОРЕН И
ИСТРАЖУВАЧКИ
УНИВЕРЗИТЕТ

Проф. д-р Димитар Ташковски

Инфраструктура

Современа и квалитетна инфраструктура е основен предуслов за квалитетно изведување на наставата, за извонредност во научноистражувачката дејност, за креирање на иновации и за развој на еден универзитет како квалитетен економски партнер.

УКИМ се повеќе заостанува зад европските универзитети по сите содржини кои се потребни за развој на еден современ универзитет, а посебно во делот на инфраструктурата. Вложувањата во инфраструктурата во последните 30 години се занемарливи. Средствата што државата ги издвојува за капитални инвестиции на целиот УКИМ (околу 25 милиони денари годишно) се на ниво на средствата што ги добива едно или две средни училиште во Скопје. Мислам дека е тоа понижувачки однос на државата спрема високото образование, односно спрема идните генерации и дефинитивно таквиот однос ќе има негативно влијание на развојот на државата во иднина.

Зградите со кои располагаат единиците на УКИМ, a кои се градени главно во 60-тите и 70-тите години на минатиот век, се правени за многу помал капацитет на студенти. Имплементацијата на Болоњскиот процес и обезбедувањето на квалитет во наставата бара настава со помали групи и поголема практична работа што дополнително ги истакнаа проблемите со просторни услови на УКИМ.  Така денес на техничките факултети, кои треба да бидат носители на развојот на општеството, нема доволно услови за лабораториска работа, бидејќи голем дел од лабораториите се претворени во училници. Доколку и се обезбеди некако опрема поврзана со новите технологии, главно преку меѓународни проекти или донации, недостасуваат простории за сместување на истата. Како потврда за ова констатација е ASIIN меѓународната акредитација која се изведе минатата година на ФЕИТ. Главната забелешка на Комисијата беше во однос на просторот со кој располага Факултетот за реализација на четирите студиски програми од компјутерскиот кластер. Без реорганизација на процесите за работа во лабораториите, ФЕИТ немаше да ја добие оваа меѓународна акредитација. Поради недостаток на простор, на голем број факултети ходниците се преградени, истите се претворени во канцеларии или лаборатории, со што е загрозена безбедноста  на студентите и кадарот. Таму кај што има задоволителен број на простории (на природно-математичкиот и биотехничкиот кампус) главно во стари згради, условите за лабораториска работа се далеку од современи. Најтешка е состојбата на уметничките факултети каде недостасуваат елементарни услови за реализација на наставната и уметничката дејност. Единствени капитални инвестиции се зградите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и Факултетот за физичко образование спорт и здравје (ФФОСЗ) кои се започнати пред 7-8 години и за кои не се знае кога ќе бидат завршени, иако потребата за нив е голема.

Сето ова резултира во крајно загрижувачки услови за изведување на наставната, научноистражувачката и применувачката дејност на единиците. Оние единици кои располагаат со сопствени средства прават исклучителни напори да ги одржуваат објектите и да обезбедат минимални услови за работа. Несистематското решавање на просторните проблеми веќе предизвикува, а во блиска иднина ќе предизвика уште поголема диспропорција и нееднаквост во условите за студирање, одржување на наставата и реализација на научноистражувачката дејност.

Веќе споменав дека покрај наставната дејност, научноистражувачката и уметничката работа, соработката со општеството е приоритет на секој современ универзитет. Универзитетите се клучни за културниот, економскиот и општествениот развој на секое општество. За реализирање на т.н. трета мисија на Универзитетот, потребна е и соодветна инфраструктура. Потребно е да се развијат интердисциплинарни центри за истражување и развој кои треба да одговорат на развојните предизвици на македонската економија и потребите на пошироката заедница. За целите на понатамошен развој на резултатите од истражувањето и трансфер на знаења и технологии кон стопанството, во рамките на УКИМ треба да се обезбедат простории за  универзитетски претприемачки активности (инкубатори, центри за извонредност). За развој на различни социјални иницијативи потребни се простории и капацитети за развој на социјални иновации и доживотно образование, каде носители треба да бидат факултетите од општествените и хуманистичките подрачја во интеракција со локалната заедница и невладините организации. Обезбедувањето на современи услови за студирање со модерна инфраструктура како и воспоставување на различни центри би можело да влијае на задржување на висококвалитетниот кадар во државата. Дополнително, ова треба да овозможи привлекување странски студенти со кои би се зајакнала и академската и финансиската позиција на Универзитетот.

Подобрување на инфраструктурата, што е неопходен услов за развој на сите дејности на УКИМ како и предуслов за развој на општеството во целина, ќе биде еден од приоритетите во мандатниот период. Како и што потенцирав во делот 9. Финансирање, поради тековната економска криза, многу е малку веројатно дека државата сама ќе го смени односот спрема високото образование и дека ќе обезбеди средства за капитални инвестиции на УКИМ. Нашите напори ќе бидат насочени да ги убедиме релевантните министерства и Владата за важноста на капиталните инвестиции во високото образование за развојот на економијата и општеството во целина. Дополнително, недоволното финансирање од страна на државата треба да не поттикне да размислуваме за изнаоѓање на алтернативни извори на средства, пред се од европски извори.   

Како прв чекор за обезбедување на висококвалитетни просторни услови за сегашните и идните студенти на УКИМ, ќе се формира Комисија за инфраструктура на УКИМ. Основна задача на оваа комисија, ќе биде да направи каталог на објектите со кои располага УКИМ, да даде преглед на состојбата на просториите со кои располага секоја единица, да даде објективна проценка за моменталните услови за работа на секоја од единиците како и предлог мерки за подобрување на условите. Врз основа на извештајот на Комисијата, на фер и добро планиран начин ќе се направи програма за инвестиции за одржувањето на старите згради, модернизација на просторните капацитети за изведување на наставата и лабораториските вежби, како и програма за инвестиции во инфраструктурни објекти.

Исто така, врз основа на извештајот на Комисијата и плановите за развој на УКИМ и на единиците ќе се дефинираат и приоритетните инфраструктурни објекти за кои ќе се барат средства за реализација на истите во наредните години. За таа цел, ќе се почне и со подготовка на проектна документација за градба на инфраструктурните објекти.

Во целиот овој процес ќе инсистираме на поддршка од државата, како преку неколкукратно зголемување на средствата за капитални инвестиции за подобрување на тековните услови за работа на вработените и студентите, но и со одобрување на средства за новите капитални објекти, со цел да се воспостават инфраструктурни предуслови за понатамошен развој на УКИМ, а со тоа и на државата. Јавното приватно партнерство како и структуралните фондови кои се очекуваат да се зголемуваат во наредниот период, исто така се одлична можност за подобрување на инфраструктурните капацитети на УКИМ.

Главни цели