ЗА СОВРЕМЕН
ОТВОРЕН И
ИСТРАЖУВАЧКИ
УНИВЕРЗИТЕТ

Проф. д-р Димитар Ташковски

Дигитализација

Дигитализацијата како процес стана неминовна во речиси сите дејности на општественото живеење. Дигитализацијата во високото образование е од посебно значење, бидејќи покрај тоа што обезбедува ефикасност во работата, станува суштинска во постигнување на стратешки цели за развој на современите универзитети. Без употреба на нови технологии во наставата и учењето и без дигитализација на сервисите за студентите и за своите вработени, универзитетите нема да бидат препознаени во и онака силната конкуренција во европскиот високообразовен простор.

Пандемијата предизвикана од КОВИД-19 покажа дека многу малку единици на УКИМ применуваат дигиталните технологии во различни домени на работа, пред се во наставата, администрација и посебно како сервис за студентите. Следствено, квалитетот на наставата и услугите што ги добиваат студентите не е на задоволително ниво, а административните служби прават непотребни дополнителни напори за собирање и анализа на податоците што негативно влијае и на процесот на управување на единиците и на Универзитетот.

Целиот процес на дигитализација на УКИМ не е системски поставен и главно се имплементира инцидентно како реакција на моменталните потреби на единиците и на ректоратот (последен е примерот со анкетата за оптеретеноста на кадарот на УКИМ). Поради ваквиот пристап и ограничените човечки и финансиски ресурси на единиците разликата во користењето на информациско-комуникациските алатки на единиците на УКИМ е голема, што води до нерамномерен развој на единиците.

Во мандатниот период посебно внимание ќе се посвети на процесот на дигитализација на УКИМ, со цел да се обезбедат услови за ефикасна работа на сите вработени и студенти, но и да се воведат нови дигитални техники во процесот на настава со што значително ќе се подобри целокупното делување на УКИМ. Преку Комисијата за информатичка технологија најнапред ќе се направи анализа на состојбата и утврди потребата за развој на ИКТ инфраструктурата на сите единици на УКИМ. Преку средствата од буџетот на С. Македонија наменети за капиталните инвестиции ќе се подигнат капацитетите на оние единици каде ИКТ инфраструктурата не е на задоволително ниво, со цел да се овозможи рамномерен развој на сите единици. Потоа ќе се направи анализа на состојбата и ќе се дефинира програма за развој на интегрирани информациски системи кои се од суштинско значење за развојот на УКИМ. Акцент ќе биде ставен на процесот на наставата, на услугите кон студентите и на административното работење на единиците и ректоратот.

Како што е наведено во делот 3. Студиски програми, настава и студенти, посебно внимание ќе посветиме на имплементација на системот за е-учење iLearn како и формирањето на Центар за е-учење. Ќе продолжиме со процесот на електронско издаваштво на учебници и учебни помагала како и со процесот на развој на инклузивната дигитална библиотека со цел да се обезбеди што повеќе литература во дигитален облик за студентите со попреченост. Дигитализацијата на библиотечното работење ќе биде приоритет со што ќе се олесни работата на службите, но ќе се подобри и услугата за студентите.

Електронскиот интегриран информационен систем iKnow претставува одлична база за подобрување на услугите кон студентите како и за нивно подетално информирање за тековните активности. Системот има голем број на функции кои можат да се искористат за подобрување на процесите на обезбедување на квалитет во наставата. Потребно е посистематски да се користат податоците и информациите со цел да се изврши анализа на успехот на студирање на студентите и со тоа да се планира развој на соодветни активности за подобрување на целокупното работење поврзано со наставата. Наша интенција ќе биде да правиме постојана надградба на iKnow системот со цел конечно да се воведе е-индекс и да ги олесниме како за службите така и за студентите сите процедури поврзани со стандардните барања, молби, потврди и уверенија. Со тоа би го намалиле времето за завршување на административните работи, а ќе ја зголемиме ефикасноста на службите.

Дигитализација на административната работа ќе се спроведе со воведување на систем за управување на документи, систем за финансиско и сметководствено работење, систем за собирање на податоци поврзани со работните процеси и процедури и систем за ефикасно известување во рамките на УКИМ но и спрема пошироката заедница. Овие системи, покрај тоа што ќе ја зголемат ефикасноста на работата ќе овозможат и поголема транспарентност во работата на единиците и ректоратот како и поефикасно планирање и реализација на финансиското работење на УКИМ и на единиците, ќе создадат претпоставки за креирање на систем за следење и обезбедување на квалитетот во сите дејности, како и поедноставно прибирање и анализа на големиот број податоци со кои работи УКИМ. Со тоа ќе се создадат претпоставки за подобрување на системот на управување на единиците и на Универзитетот кој ќе се базира на објективни критериуми и информации добиени од релевантни податоци.  

Главни цели