ЗА СОВРЕМЕН
ОТВОРЕН И
ИСТРАЖУВАЧКИ
УНИВЕРЗИТЕТ

Проф. д-р Димитар Ташковски

ВОВЕД

УКИМ е најстар, најголем и несомнено најдобар универзитет во земјата. Немам дилема дека традицијата треба да се негува, но новото време носи нови предизвици кои мораме колективно да ги следиме за да креираме светла перспектива. УКИМ мора да биде СОВРЕМЕН, ОТВОРЕН и ИСТРАЖУВАЧКИ универзитет за да одговори на предизвиците на новото време и заканите на кои е постојано изложен. Тоа подразбира современи студиски програми, современа и модерна инфраструктура, одлични услови за работа, силна соработка помеѓу различните единици и вработени и главна улога во создавањето ново знаење и трансфер на технологии кон општеството. Само на тој начин УКИМ ќе и служи на својата улога за која и е формиран, стожер на напредно образование и знаење и двигател на економскиот развој на државата.

Современоста на УКИМ значи следење на европските образовни политики и стандардите за квалитет во високото образование како и постојано подобрување на инфраструктурата и условите за работа на вработените и студентите. Новото време бара постојано следење на трендовите и брза адаптација кон промените во технологиите, начините на учење, областите кои е неминовно да се покријат како и лабораториските ресурси што се потребни за реализација на истите. Во сите овие активности, студентите се оние кои имаат централно место бидејќи УКИМ постои за нив и тие се неговата најголема гордост. Само со постојано следење на развојот во светски рамки УКИМ може да стане препознатлив и ценет универзитет во регионот и пошироко.

Отвореноста на УКИМ значи постојана, слободна и конструктивна соработка помеѓу различните единици и вработени со добронамерно прифаќање на секоја критика. Ова ни го овозможува автономијата,  која треба интензивно да ја користиме во секој момент (не само кога е загрозена) и од УКИМ да направиме отворен универзитет во кој постојат интердисциплинарни студиски програми и научни истражувања, во кој успехот на колега е мотивација за останатите вработени, во кој информациите се навремено достапни до вработените и студентите,  во кој комуникацијата меѓу ректоратот и единиците е коректна и двонасочна, и во кој чувството за припадност на УКИМ е пред чувството на припадност на единицата. Отвореноста исто така подразбира и подадена рака кон општеството, прилагодување на потребите на стопанството, користење на практичните искуства и трансфер на знаења. Во пошироки рамки, отвореноста значи континуирано информирање на општеството за активностите на Универзитетот,  како и можност секој чинител во нашето општество да може слободно да дојде во УКИМ и да ги изнесе своите конструктивни идеи за зголемен економски раст или подобрување на квалитет на живот.

Конечно, истражувачкиот капацитет на УКИМ мора подобро и поинтензивно да се искористи. Научноистражувачката работа е еден од индикаторите за квалитетот на секоја високообразовна институција и претставува основа за развој на општеството базирано на знаење. За жал, како резултат на несоодветниот однос на државата, УКИМ во последните години заостанува во развојот на научноистражувачката дејност. Но, УКИМ има огромен потенцијал да апсорбира меѓународни истражувачки проекти и да се фокусира на современи истражувања со кои може да стекне и поголема финансиска независност. Дополнително, научноистражувачката работа треба да служи и за трансфер на знаење и технологии со што ќе се придонесе за економскиот раст на државата.

Изминатите 15-тина години УКИМ работи во исклучително тешки услови, речиси без финансирање на основните дејности од страна на државата и во услови на наметната нелојална конкуренција. Сепак, УКИМ мора постојано да ја одржува својата лидерска улога во општеството и благородна мисија за обезбедување на високо квалитетно образование и научноистражувачка работа. Без разлика на заканите од околината, УКИМ мора да остане стожер на нови идеи и процеси и постојано да придонесува за подобар живот на целото општество. Тоа е наша должност, но и обврска кон идните генерации кои треба да бидат двигател на развојот на државата.

Оваа програма за работа се фокусира на 10 точки (поглавја од 3 до 12), кои ги претставуваат клучните областиво работењето на УКИМ. За секоја точка од програмата најнапред кусо е прикажан генералниот контекст, потоа е даден кус преглед на состојбата на УКИМ, по што се дадени клучните мерки што треба да се преземат за подобрување на состојбата како и активностите преку кои ќе се реализираат тие мерки. Затоа, програмата може да се гледа и како акционен план бидејќи се дадени конкретни активности за реализација на истата. Финансиските средства за реализација на активностите ќе ги обезбедиме од сопствени извори, преку проектни апликации, а ќе се прават напори да се обезбедат средства и од буџетот на државата. Најголем дел од активностите зависат од нашата желба за трансформација на УКИМ и немам дилема дека ќе успееме да ги реализираме  предвидените активности. Можеби проблем ќе биде одржливоста на резултатите од овие активности, но во текот на мандатниот период нашите напори ќе бидат насочени и кон подобрување на комуникацијата со одговорните во државата со цел конечно да се разбере улогата на високото образование за развојот на општеството, да се смени односот на државата кон високото образование и да се обезбедат средства за реализација на основните дејности на Универзитетот.

Активностите што се дадени во програмата се минималните активности кои треба да се преземат за да се дефинираат и воспостават неопходните стратегии, системи, процедури, тела и релации на УКИМ со цел да се подигне квалитетот во сите дејности на делување (настава, наука и трансфер на знаење), да се постигне поголема суштинска интеграција на единиците, рамномерен развој на сите единици на УКИМ, поврзување на УКИМ со компаниите и јавниот сектор, како и да се направи трансформација на УКИМ кон истражувачки универзитет кој ќе врши трансфер на знаење и технологии со што ќе придонесе за економскиот раст на државата. Сето ова е неопходно доколку сакаме УКИМ да опстане во извонредно конкурентниот европски образовен и истражувачки простор.

Оваа програма претставува збир на цели и активности чија имплементација треба да води до реализација на мојата визија за идниот развој на УКИМ како современ, отворен и истражувачки универзитет. Најголем дел од целите и активностите кои се дадени во програмата се имплементирани на современите европски универзитети и се предуслов за квалитетно високо образование. Препораки за имплементација на најголем дел од активностите се дадени и во Извештаите од последните две надворешни евалуации на УКИМ реализирани во 2015 и 2017 година, како и во Стратегијата за развој на УКИМ 2019-2023 и Стратегијата за образованието во СМакедонија за 2018-2025, со соодветните акциски планови. Во подготовка на оваа програма консултирани се и документи издадени од ЕУ, кои го дефинираат квалитетот (Standards and Guidelines for Quality Assurance in the European Higher Education Area, ESG, 2015) и понатамошниот развој на високото образование (Roma Communique, 2020), како и стратегии за развој на универзитети од регионот (Загреб, Љубљана, Марибор, Риека), со кои долги години паралелно се развивавме, но во последните 15-тина години, следејќи ги европските препораки за развој на високото образование, истите значително напреднаа во однос на нас. Mислам дека овие универзитети се добар пример кој треба да го следи УКИМ во неговиот иден развој на краток и среден рок.