ЗА СОВРЕМЕН
ОТВОРЕН И
ИСТРАЖУВАЧКИ
УНИВЕРЗИТЕТ
Проф. д-р Димитар Ташковски
Приоритети во
мандатниот
период
Настава и учење.
УКИМ мора да развива систем на образование каде студентите се во центарот на образовниот процес и во кој наставата се фокусира на резултатите од учењето, односно на она за што студентите ќе бидат оспособени по завршување на студиите. Новото време диктира развој кон т.н. Challenge-Driven University (CDU) во кој студентите стекнуваат знаења преку работа на реални проблеми. Студентите мораат да се стекнат со вештини за решавање практични проблеми и да ги користат сите современи алатки и технологии кои им стојат на располагање (на пр. алатки за е-учење). Се разбира, ова не значи само поинаков пристап од страна на студентите, туку, напротив, и поинаков ангажман од наставниот кадар во насока на организација на наставата кон зголемена практична работа и пазарна релевантност на знаењата на студентите. За да може сето ова да се имплементира, потребно е да се овозможи континуирано усовршување на наставниците, пред сѐ за воведување на нови наставни методологии и користење на дигиталните технологии во наставата.
Научноистражувачка дејност.
УКИМ мора да ги зајакне карактеристиките на силен истражувачки универзитет и континуирано да ја подобрува својата позиција во домашни и меѓународни рамки. За таа цел, ќе мора да се подигнат критериумите за извонредност во истражувачката работа, односно да се подобри квалитетот на објавените трудови, да се зголеми учеството во меѓународни проекти, како и да се зголеми квалитетот на магистерските и докторски студии засновани на учење преку истражување. Потребно е формирање на силни истражувачки групи во повеќе области, но и поголема соработка меѓу истражувачите од различни области. Посебно е битно да се формираат солидни истражувачки групи во областите кои ќе бидат приоритет за развојот на државата во наредниот период, на пример оние дефинирани со Стратегијата за паметната специјализација, Целите на одржливиот развој на Обединетите нации, како и во областите кои се значајни за националните прашања и културата.
Иновации
УКИМ мора јасно да ја покаже својата посветеност на иновациите, поефикасен трансфер на знаење од академијата кон општеството, подобро управување со интелектуалната сопственост и развојот на претприемачкиот дух на истражувачите. Покрај развој на истражување кое води кон извонредност, воспоставувањето на транспарентен систем за поттикнување на иновативни активности и трансфер на знаење како и воспоставувањето на соодветна инфраструктура за поддршка на истражувачите, се битни предуслови за развој на иновациите и трансфер на знаењето, на кои ќе мора да се посвети посебно внимание.
Меѓународна соработка и интернационализација
УКИМ мора значително да ја подобри мобилноста на кадарот и на студентите како битен предуслов за зајакнување на меѓународната соработка. За таа цел примарно ќе биде студиските програми да се усогласат со европските, што се потврдува со меѓународна акредитација на истите како и да се понудат поголем број студиски програми кои ќе се реализираат на англиски јазик. Вклучување на УКИМ во европските универзитетски мрежи како и зголемување на бројот на меѓународни проекти e предуслов за опстанок во исклучително конкурентната истражувачка средина и мора да бидат приоритети на УКИМ во следниот период.
Обезбедување на квалитет
УКИМ мора да развие систем за обезбедување на квалитет во сите дејности на делување (настава, наука и трансфер на знаење). Овој систем треба да биде воспоставен врз европските стандарди за квалитет во високото образование. За имплементирање и следење на Системот за обезбедување на квалитет мора да се воспостават соодветни и функционални организациски структури на ниво на УКИМ и на ниво на единиците. Со следење и анализирање на дефинираните параметри за квалитет ќе се постигне ефикасно, одржливо и континуирано подобрување на сите процеси на УКИМ и ќе се развие ефикасна околина за работа на наставниците, административните служби и студентите.
Човечките ресурси
УКИМ мора да развие механизми кои ќе овозможат усовршување на младиот наставно-научен кадар, како и механизми за поефикасно искористување на постојниот кадар во рамки на единиците, но и на ниво на целиот Универзитет. Неопходна е континуирана поддршка на наставниот кадар за развојот на нивните педагошки компетенции, поттикнување на мобилноста и обезбедување на услови за научно-истражувачка работа. За ефикасно функционирање на службите потребна е континуирана дообука на административниот кадар.
Финансирање
И покрај тоа што УКИМ има потенцијал и капацитет да ја подобри својата позиција во делот на истражувачката дејност и да ја зголеми својата меѓународна видливост, тоа ќе биде тешко да се постигне без обезбедување на финансиски средства од буџетот на државата за научноистражувачката дејност. Затоа, потребно е и поактивно и поуспешно обезбедување дополнителни извори на финансирање, главно од меѓународни извори, а потребно е да се зајакне и соработката со стопанството и јавниот сектор за обезбедување на дополнителни финансиски средства.
Управување и организација
За да се обезбеди поефикасно работење, УКИМ мора активно да работи на подобрување на сопствената организација. Суштинска интеграција на единиците на УКИМ, преку поттикнување на хоризонтална соработка во делот на студиските програми, обезбедување на квалитет, научноистражувачка работа и трансфер на знаење се неопходни со цел да се обезбеди рамномерен развој на сите единици што е предуслов за силен и успешен УКИМ. Единиците треба ја задржат автономијата во управувањето и финансиското работење како и во дефинирање на своите стратешки приоритети.
Дигитализација
УКИМ мора да го забрза процесот на дигитализација со цел да се обезбедат услови за ефикасна работа на вработените и студентите. Акцент треба да биде ставен на процесот на наставата преку воведување на дигитални технологии и е-учење, како и на административното работење на единиците и ректоратот и на услугите за студентите.
Современа инфраструктура
УКИМ мора да настојува да се обезбедат висококвалитетни и современи просторни услови за изведување на наставата како и да се обезбедат соодветни просторни услови за развој на науката и иновациите на единиците, за развој на претприемништвото на професорите и студентите, за социјални иновации и за доживотно учење. Преку зајакнување на инфраструктурата на УКИМ директно ќе се влијае на развојот на научниот потенцијал во земјата, а со тоа и на економскиот развој на државата.