ЗА СОВРЕМЕН
ОТВОРЕН И
ИСТРАЖУВАЧКИ
УНИВЕРЗИТЕТ
Проф. д-р Димитар Ташковски
ЗАВРШНА
ПОРАКА
УКИМ се наоѓа пред важна одлука. Несоодветниот однос на државата во последните 15-тина години, пред сè во делот на финансирањето и обезбедувањето на научен подмладок, нелојалната конкуренција, немањето стратегија за развој на високото образование, трката по студенти односно финансии, слабата соработка меѓу единиците, нерамномерниот развој на единиците и конечно, незавршената интеграција негативно влијаеа на развојот. Се поставува прашање дали УКИМ ќе продолжи по истиот пат или ќе ги искористи своите огромни потенцијали за суштинска трансформација.
Овие избори треба да ја одредат насоката во која ќе се развива УКИМ во наредниот период. Правилно дефинирање на идниот развој е неопходно со цел да се врати сјајот и местото на УКИМ во општеството, како и да се приклучи кон семејството на препознатливи европски високообразовни институции, каде и му е местото по капацитетите кои несомнено ги има.
УКИМ е голем универзитет дури и за европски рамки. Ги покрива генерално сите научни области што е предност во однос на голем број универзитети во Европа. Единиците имаат голема самостојност што треба да се гледа како исклучителна предност, но неопходна е поголема хоризонтална интеграција со цел да се искористат предностите на интегриран универзитет. Затоа, универзитет како УКИМ е многу тешко да се управува, а уште потешко е да се трансформира согласно поставените европски стандарди за квалитетни високообразовни институции. Потребна е спремност, но и активно делување на сите вработени. Направената анализа на европските образовни политики, стандарди како и дефинираните активности на голем број универзитети, покажуваат дека немаме друг избор освен сите заедно да преземеме одговорност и да креираме универзитет како што го заслужуваат нашите студенти, универзитет кој ќе биде двигател на промените во општеството и конечно универзитет кој ќе биде препознатлив и почитуван во европскиот високо образовен и истражувачки простор.
Оваа програма нуди неопходни цели и активности во различни области кои треба да се реализираат со цел да се почне трансформацијата на УКИМ во современ, отворен и истражувачки универзитет. Правена е согласно моето искуство во изминативе години, разговорите со колегите како и дефинираните европски стандарди за квалитетно високо образование. Но, програмата е отворен документ и секоја нова иницијатива ќе биде детално разгледана и, доколку е од интерес на УКИМ, ќе биде спроведена од единиците и/или студентите.
Слободен сум да кажам дека резултатите од мојата досегашна работа, а пред се како декан на ФЕИТ, се јасно видливи и препознаени од академската и од пошироката јавност. Убеден сум дека истите можам да ги проширам и на ниво на УКИМ и со тоа да дадам придонес во развојот на УКИМ и на целото општество. Но, без поддршка на сите вработени и студенти на УКИМ тоа нема да биде можно. Во програмата се предвидени голем број активности во различни области и ќе биде неопходно вклучување на голем број колеги преку работа на единиците, комисиите на УКИМ, ново планираните центри и канцеларии, со цел да дефинираме и воспоставиме стратегии, системи, процедури, тела и релации кои ќе бидат гаранција за понатамошен развој на УКИМ. Изминатите години, преку активностите што ги преземаат деканите како и сите вработени на УКИМ во справување со секојдневните предизвици, увидов дека УКИМ има огромен потенцијал во голем број области. Целта на оваа програма е да го обедини и развие тој потенцијал за креирање на силен и меѓународно препознатлив УКИМ. Едноставно, мораме сите да почнеме да го чувствуваме УКИМ како дом и обврска (не само привилегија) и да придонесеме заеднички кон негово унапредување. Улогата на ректорот е да биде „прв меѓу еднаквите” и да создаде атмосфера на слободна мисла, критичка дискусија и поддршка на идеи за добробит на целиот Универзитет.