ЗА СОВРЕМЕН
ОТВОРЕН И
ИСТРАЖУВАЧКИ
УНИВЕРЗИТЕТ

Проф. д-р Димитар Ташковски

Студиски програми,

настава и студенти

Студиски програми

Согласно Извештаите за надворешна евалуација на УКИМ, реализирани во 2015 и 2017 година, на УКИМ постојат околу 230 студиски програми на прв циклус, околу 250 на втор, и околу 70 на трет циклус на студии. Имајќи го во предвид бројот на кадарот, очигледно е  дека се работи за голем број на студиски програми и дека оптеретувањето на наставниците со наставните активности е големо, што негативно влијае и на квалитетот на наставата. Само мал дел од студентите завршуваат на време, па се поставува прашањето за усогласеност на дефинираните резултати од учењето со оптеретувањето на студентите, изразено во ЕКТС. Резултатите од учењето и понатаму се вреднуваат врз основа на проверка на меморираните наставни содржини, а не согласно добиените знаења и вештини односно со проверка на компетенциите на студентите. Студентите генерално се задоволни од теоретските знаења кои ги стекнуваат, но практичната работа не е доволна. Покрај релативно големиот број студиски програми, дополнителен негативен аспект е слабата поврзаност на сродни студиски програми кои се изведуваат на различни единици. Во таква ситуација, не се користат можностите за соработка на наставниците и подигнување на квалитетот на студиските програми.

УКИМ мора континуирано да ги унапредува студиските програми со цел да им овозможи на студентите развој на компетенции кои се поврзани со нивните лични интереси и со барањата на општеството. Резултатите од учењето треба да се поврзат со останатите елементи на студиските програми и методите за реализација на наставата, со оценувањето на студентите и посебно со оптеретувањето на студентите, изразено во ЕКТС. Процесот на учење мора да се унапреди и да биде применлив за новите генерации и истиот се повеќе да се реализира преку употреба на дигиталните технологии. Студентите треба да имаат поголема можност да станат независни во процесот на учење, што ја наметнува потребата за воведување на систем за е-учење на сите единици. При реализација на студиските програми потребно е наставата да се поврзе со иновации и истражување, студентите да добијат стручно знаење и компетенции, но и да стекнат додатни генерички компетенции (комуникација, тимска работа, критичко размислување, креативност, вештини на учење, и сл.) кои ќе придонесуваат за развој на општеството. Секаде каде е можно наставата треба да се поврзува со практичната работа, односно истата да се организира преку проектни активности кои се поврзани со реални проблеми. За да може сето ова да се имплементира, посебен акцент треба да се стави на подигнување на свеста кај кадарот од потребата за промени во однос на реализација на наставата. Исто така, потребно е да се овозможи континуирано усовршување на наставниците пред сѐ за воведување на нови методологии и користење на дигиталните технологии во наставата.

За подигање на квалитетот на студиските програми и за начинот на реализација на истите, ќе се дефинираат критериуми за вреднување на постоечките и предлагање на нови студиски програми. Притоа ќе се земат во предвид одредени индикатори како што сe на пример: усогласеност на студиските и предметните програми со европските, потребите на општеството, односот студенти/наставник, потребната просторна инфраструктура земајќи ги во предвид спецификите на студиската програма, опремата, оптеретеноста на студентите, оптеретеноста на наставниците, оценувањето на студентите согласно резултатите од учењето и сл. Во наредните години, главно преку процесот на реакредитација на студиските програми, ќе се направи ревизија на постоечките студиски програми и истите ќе се усогласат со донесените критериуми.

Хармонизација на студиските програми со европските студиски програми, како и меѓународна акредитација на истите ќе биде приоритет во мандатниот период. Истата ќе го подобри квалитетот на студиските програми, ќе придонесе за зголемување на видливоста на УКИМ во европскиот високообразовен простор, ќе ја подобри мобилноста на студентите, ќе влијае на зголемување на угледот, како и на привлекување на поголем број на странски студенти на УКИМ.

Ќе се поттикнува организацијата и реализацијата на студиски програми на англиски јазик. На овој начин ќе се овозможи привлекување на странски студенти, подобрување на финансиската состојба на единиците и на УКИМ, како и воведување на концептот “интернационализација од дома” за домашните студенти, посебно за оние кои нема да имаат можност да реализираат интернационална мобилност и потребното искуство за работа во мултикултурна средина ќе го стекнат дома.

Наставни методи и технологии

Една од стратешките цели на УКИМ е имплементација на учење насочено кон потребите на студентите кои треба да бидат во центарот на образовниот процес. Истото треба континуирано да се развива и мора да се прават напори за постојано подобрување. При тоа главен акцент треба да се стави на: активна наставна методологија, персонализирани и флексибилни начини на учење, самооценување на студентите, е-учење и е-учебници, постојан педагошки развој за професорите и сл.

Одреден дел од факултетите на УКИМ користат електронски систем за поддршка на учењето. Преку овој систем студентите имаат пристап до материјалите за учење, а истиот се користи и за комуникација меѓу студентите и професорите. Сепак, пандемијата со КОВИД 19, покажа дека голем дел од факултетите и професорите не користат електронски систем во наставниот процес. Развојот на педагошките компетенции на различни единици на УКИМ е нерамномерен. Повеќето единици немаат развиен систем за развивање на педагошките компетенции на новите наставници, не се следи квалитетот на изведување на наставата и нивото на примена на новите технологии во наставата, па следствено нема утврдена потреба за континуирана едукација за постојните наставници.

Воспоставениот систем за е-учење iLearn е добра почетна основа за развој на е-учење на УКИМ. Во наредниот период, потребна е континуирана мотивација и едукација на наставниот кадар за користење на истиот. Во почетокот главен акцент ќе биде ставен на обука на кадарот за основните активности за користење на системот: поставување на слајдови, белешки од предавања, упатства за лабораториски вежби, домашни работи, резултати од испити. Потоа ќе се помине на следно ниво на користење на системот, односно интеграција на системот со класичната настава: материјалите да се организираат согласно наставните планови, да се зголеми комуникацијата на форуми, да се воведат квизови и тестови, да се користат голем број демоа и интерактивни содржини, што во голема мера ќе го олесни совладувањето на битните концепти од страна на студентите.

За поддршка на кадарот на УКИМ во процесот на воведување и развој на концептот за е-учење, ќе се формира Центар за еучење. Основна цел на Центарот во почеток ќе биде промоција и поттикнување на кадарот за користење на информациско-комуникациски алатки во процесот на наставата, со акцент на е-учење, преку организирање на настани и размена на добра практика. Центарот ќе дава поддршка на кадарот на УКИМ за развој и унапредување на нивните е-курсеви, ќе врши обуки за подигање на дигиталните компетенции со цел креирање на дигитални содржини, обуки за воведување на нови методологии на учење и сл.

За подобрување на квалитетот на студиските програми и на студирањето посебно внимание ќе посветиме на подобрување на педагошките компетенции на наставниот кадар (професори, доценти, асистенти).  Со цел да им се овозможи на наставниците да добијат соодветна обука на почетокот на нивната кариера, како и континуирана поддршка за доедукација во текот на работниот век ќе се формира Центар за унапредување на компетенциите на наставниците. Истиот ќе се воспостави на ниво на УКИМ и услугите на Центарот ќе бидат достапни бесплатно за сите наставници на УКИМ. Наставниците ќе можат да ги користат услугите на Центарот врз основа на лична мотивација за подобрување на нивните педагошки компетенции. Доколку е потребно, единиците можат да организираат обука на одредени групи наставници или, на пример, на ново избраните наставници. Центарот ќе понуди обуки, курсеви и работилници на различни теми, како на пример: развој на предметна програма заснована на резултатите од учењето, настава заснована на решавање проблеми, мотивирање на студентите за активно учење, поттикнување и насочување на тимска работа на студентите, воведување на е-учење поврзано со резултатите од учењето, проверка на резултатите од учењето и оценување на студентите, и сл.

Поддршка на студентите

Една од клучните улоги на високообразовните институции е пренос на знаење и вредности на кои се темели современото општество, но и подготовка на студентите за нивните идни кариери и за нивен личен развој. Универзитетите се и активни учесници за креирање на технолошкиот, економскиот и општествениот развој. Образованието кое го нудат преку студиските програми и дополнителните активности мора да обезбеди добивање на компетенции и вештини кои ќе обезбедат експерти за пазарот на трудот и ќе придонесуваат за развојот на општеството. Затоа, европските високообразовни институции сѐ поголемо внимание посветуваат на обезбедување на соодветна поддршка на студентите во процесот на добивање на компетенциите, совладување на академските обврски, развој на генеричките вештини, подготовка за вработување, а посебно внимание се посветува на социјално-економската поддршка на студентите со посебен акцент за поддршка на ранливите категории студенти во пристапот и завршувањето на студиите.

Надворешните евалуации на УКИМ покажаа дека поддршката на студентите во процесот на академски и кариерен развој на Универзитетот не е униформна. Одредени единици имаат развиено механизми и канцеларии за студентска поддршка, но поголемиот дел од единиците нема ресурси за да обезбедат дополнителни услуги за студентите. Значаен напредок е направен со формирањето на Центарот за кариера на УКИМ како и центрите на единиците, кои треба да го водат целиот процес на кариерен развој на студентите. Сепак, генерално недостасува поддршка за студентите со попреченост. Иако генерално професорите излегуваат во пресрет на потребите на овие студенти, нема системска форма за поддршка на овие студенти.

Во мандатниот период посебен акцент ќе биде ставен на обезбедување на услови за организирана поддршка во делот на академското и кариерното советување на студентите,  како и поддршка на студентите кои покажуваат одредени потешкотии во наставата. За таа цел, Центарот за кариера и понатаму ќе се развива и ќе го зголеми обемот на услуги со цел подобрување на процесот на добивање на компетенциите и зададените резултати од учењето, стекнување на генеричките вештини, развој на кариерата на студентите, стекнување на работни искуства и вештини за активно барање на работа по завршување на студиите. Центарот заедно сoцентрите на единиците континуирано ќе ја прошируваат мрежата на институции кои можат да им овозможат квалитетна пракса на студентите, како и стипендии за време на студирањето. За навремено информирање на студентите ќе се креира веб страница на Центарот која континуирано ќе биде ажурирана со сите информации корисни за студентите, пред се можности за пракси, стипендии, мобилности и сл. Ќе се засили соработката на Центарот со соодветните центри на единиците, со цел поддршката да биде достапна на сите студенти.

Ќе се воспостави психолошко советувалиште кое е планирано да се формира согласно Правилникот на Центарот за кариера. Целта е ова советувалиште да им помага на студентите, меѓу другото, во унапредувањето на менталното здравје, во разрешување на актуелните и развојните проблеми, како и во тешкотиите кои потекнуваат од социјалната средина (конфликти со родителите, учење на партнерски односи итн.).

Со цел на сите сегашни и идни студенти со попреченост да им се обезбеди квалитетно студирање, ќе се формира Центар за инклузивно образование. Со Центарот ќе раководи совет составен од компетентни професори и професионалци од соодветните области кој ќе ги дефинира стандардите и условите за работа на Центарот. Ќе се обезбедат и човечки ресурси за реализација на дефинираните активности на Центарот. Преку активностите на Центарот ќе се обидеме на студентите кои имаат повремени и/или постојани потешкотии во реализација на секојдневните академски обврски да им обезбедиме еднакви можности за студирање како и на другите студенти. Ќе се продолжи со процесот на развој на инклузивна дигитална библиотека со цел да се обезбеди што повеќе литература во дигитален облик за студентите со попреченост.

Проактивна улога на студентите е неопходна за успешна работа на Универзитетот и на единиците. Нивната конструктивна критика може да доведе до подобрување на процесите на УКИМ. Студентите формално се вклучени во телата на единиците и на УКИМ, но нивната активност не е на задоволително ново, посебно во процесот на донесување на одлуки за клучни и стратегиски прашања. За подобрување на настанатата ситуација и поголема активност на студентите во управувачките тела ќе се воспостави посуштинска соработка со Универзитетското студентско собрание (УСС) и ќе се обезбеди формална обука на претставниците на студентите за да се осигури дека тие имаат целосна и ефективна улога во рамките на телата кои ги донесуваат клучните одлуки на УКИМ.

На УКИМ делуваат голем број на студентски организации (на пример, IAESTE, AISEC, EЕSTEC, BEST) во кои членуваат голем број на студенти. Овие студентски организации со своите активности (работилници, конференции, саеми за вработување) придонесуваат за развој на дополнителни вештини и компетенции кај студентите, креираат можности за пракси и вработување, како и за зголемување на меѓународната мобилност на студентите преку нивните програми за размена на студенти. Со својата активност овие студентски организации ја искажуваат и својата приврзаност со единиците и со УКИМ. Затоа, соработката на УКИМ со овие студентски организации ќе се продлабочува на сите полиња на заедничко делување и секоја нивна иницијатива од значење за студентите ќе биде поддржана. Исто така, УКИМ заедно со единиците ќе продолжи да ја одржува и подобрува инфраструктурата и условите за работа на овие студентски организации. Во таа насока, една од првите активности ќе биде комплетна реконструкција на т.н. Барака 5 во Техничкиот кампус во која се сместени голем дел од студентските организации.

Ќе ги подржиме сите стручни, културни и спортски активности на студентите на УКИМ. Посебен акцент ќе биде ставен на одржување и подигање на нивото на студентските конференции кои ги организира УСС како и на интердисциплинарните активности, програми, натпревари, како што е на пример студентската програма INNOSAE. Доколку студентите се решат да организираат културни настани истите ќе бидат поддржани. Исто така, ќе обезбедиме финансиска помош за сите студенти кои го претставуваат УКИМ на разни научни, стручни, спортски и културни натпревари и манифестации.

Посебно внимание ќе посветиме на поддршка и промоција на уметничката продукција на студентите од уметничките факултети (претстави, филмови, концерти, изложби), со што ќе се истакне општествената одговорност и видливост на УКИМ во делот на културниот развој на општеството.

УКИМ и понатаму ќе продолжи да се грижи за социјалната димензија на студирањето и ќе настојува да овозможи студирање на сите социјално ранливи категории (родителско право го врши само еден родител, студенти со попреченост, студенти од семејства со лош економски статус, и сл.) преку развој на стабилен и ефикасен систем за стипендирање и субвенционирање на студентите.

На одреден број факултети функционира програма за волонтери. Во рамките на оваа програма студентите (првенствено од социјално ранливите категории) помагаат во одредени работи на Факултетот (студентска служба, центар за кариера, библиотека, компјутерски центар), а за сметка на таа работа им се покрива дел од партиципацијата.  Ваквата програма ќе се прошири и на останатите единици на УКИМ.

УКИМ посветува должно внимание кон најдобрите студенти и има воспоставен систем на награди за студентите со најдобар успех во студирањето. Овој систем и понатаму ќе се надградува и ќе се зголемува бројот на награди. Ќе се воведат награди за најдобар научен/уметнички труд, за најдобар студентски проект, за постигнување во спорт, за студентски активизам и сл.

Главни цели