ЗА СОВРЕМЕН
ОТВОРЕН И
ИСТРАЖУВАЧКИ
УНИВЕРЗИТЕТ

Проф. д-р Димитар Ташковски

Научноистражувачка

и уметничка дејност

Голем број на студии покажуваат тесна поврзаност помеѓу инвестициите во истражувањето и иновациите од една страна и зајакнување на компетитивноста, економскиот раст и креирањето на нови работни места од друга страна. Сепак, во нашата држава на научноистражувачката работа не и е дадено местото кое го заслужува. Инвестициите во науката се занемарливи, нема национални истражувачки проекти кои се основа за развој на истражувачката дејност. Како резултат, наместо окрупнување и формирање на силни истражувачки групи/центри, што е приоритет во развиените земји, настана фрагментација и научноистражувачката дејност се сведе на истражувачи-поединци што води до непрепознатливост и изолираност во европскиот истражувачки простор. Сето ова нема одржливост на подолг рок и постои опасност за целосно замирање на научноистражувачката работа од што најголема штета сепак ќе има државата.

Преку континуирано јавно истакнување на важноста на научноистражувачката дејност за развојот на економијата и општеството во целина, но пред сѐ преку континуираната комуникација со ресорното министерство и со Владата ќе се настојува да дојде до зголемување на средствата за научноистражувачка работа. Притоа, главното барање ќе биде покрај средства за плати единиците да добиваат и средства за научноистражувачка работа со цел да се подобрат човечките потенцијали за истражување и развој на единиците, но и да се обезбеди неопходната опрема. Дополнително, преку влијание врз политиките на Владата (на пример, преку даночни ослободувања) и унапредување на политиката на УКИМ ќе се поттикнува и приватниот сектор за поголемо вложување во научноистражувачката работа.

Kако општествено одговорна институција, УКИМ има обврска да ја одржува и развива својата дејност со цел да придонесува во креирањето високообразовен кадар како и да врши трансфер на знаење и технологии со што ќе придонесе за економскиот раст на државата. Дополнително, квалитетната научноистражувачка работа има големо влијание и на наставната дејност. Синергијата помеѓу истражувањето, наставата, трансферот на знаење и иновации се основа за секој истражувачки универзитет. Единствено таков истражувачки универзитет може успешно да одговори на потребите на општеството. Затоа, една од основните цели на оваа е програма е трансформација на УКИМ кон истражувачки универзитет.
 

И покрај тешката финансиска ситуација во која се наоѓа УКИМ, се уште има сериозни истражувачки тимови кои можат да го вратат реномето и сјајот на УКИМ во делот на научноистражувачката и уметничката работа, но и да бидат поттик и мотивација за останатите истражувачи и уметници на УКИМ. Затоа УКИМ континуирано, во рамките на своите можности и понатаму ќе ја поттикнува научноистражувачката и уметничката работа, а со цел да го одржи и подобри постигнато ниво. Сите активности кои беа преземени во претходниот период, како зголемување на видливоста на УКИМ во делот на научноистражувачката работа, доделување на научноистражувачки проекти на единиците, награди за авторите кои објавиле трудови во списанија со фактор на влијание, наградите за најдобар научник/уметник на УКИМ ќе се задржат и систематски подобруваат.

Научноистражувачката работа е еден од основите критериуми при рангирањето на универзитетите. Доколку сакаме да се подобри позицијата на УКИМ на овие листи, а со тоа да се подобри и неговата видливост во меѓународни рамки, но пред сѐ да се подобри неговиот  квалитет, ќе мора да се преземат мерки за зголемување на бројот на објавени трудови од автори на УКИМ во референтни бази, односно да се подигне културата на објавување на трудови на УКИМ. За запознавање на младите истражувачи со начинот на подготовка на научни трудови како и за изборот на списанија за објавување на резултатите од истражувањето ќе се организираат посебни работилници, а ќе се обезбедат и средства за публикување на научните резултати во референтни списанија.

Ќе мора да се подигнат и критериумите за извонредност во науката, односно да се подобри квалитетот на објавените трудови (објавување во списанија со фактор на влијание, зголемување на цитираноста). За таа цел ќе се предложат промени во критериумите за унапредувања во звања на кадарот на УКИМ како и во критериумите за ментори на докторски студии. Ќе се подигнат критериумите за одбрана на докторските дисертации, со дефинирање на бројот и квалитетот на трудови кои треба да се објават пред одбраната. При дефинирањето на сите овие критериуми, ќе се почитуваат разликите помеѓу научноистражувачките подрачја како и спецификите на поедините дисциплини.

Во недостаток на домашни истражувачки проекти, мора да се поттикне и воспостави практика за аплицирање на меѓународни проекти. Во овој момент, тоа е главно индивидуално (ретко и на одредени групи), како резултат на воспоставена традиција на некои единици. За надминување на таквата состојба и за максимално искористување на научноистражувачкиот капацитет на УКИМ ќе се преземат низа активности. Главната активност во почетокот ќе се сведе на мотивација на научноистражувачките тимови да аплицираат на меѓународни програми за истражување, развој и иновации. Ќе се воведат работилници и советувања со цел зголемување на компетенциите за пријавување на  проекти во рамките на ЕУ програмите. Притоа, акцент ќе се стави на ЕУ програмите наменети за подигнување на капацитетите на истражувачите, кои се наменети пред се за земјите со послаби можности во делот на науката и истражувањето, а кои имаат потенцијал за раст како што е С. Македонија. Треба да се искористат можностите што ги нудат овие програми како Widening participation and strengthening the European Research Area (WIDERA) и тоа програмските линии Teaming (воспоставување на центри за извонредност), Twinning (поврзување со водечки истражувачки центри и трансфер на знаење и размена на добри практики), European Excellence Inititatives (подигнување на капацитетите на високообразовните институции со цел нивно вклучување во ЕРА просторот), Excellence Hubs (воспоставување на центри за извонредност со цел поврзување на академијата, бизнис заедницата и јавниот сектор) и Hop on Facility (вклучување на истражувачки тимови од земјите со низок степен на R&I капацитет во веќе одобрени проекти во рамките на Horizon Europe програмата). Овде посебно е значајна програмата European Excellence Inititatives чија основна цел е подигнување на извонредноста во научноистражувачката работа преку креирање на мрежи на европски високообразовни институции. Во таа насока, УКИМ мора да преземе активности за воспоставување на мрежа со соодветни универзитети. Сите овие програми се можност за зголемување на бројот на истражувачи и подобрување на нивните компетенции, како и за систематско подобрување на научноистражувачката инфраструктура и компетенциите на административните служби на Универзитетот, бидејќи нудат можности за постојана едукација на овие служби за подготовка и имплементација на проекти.

УКИМ мора системски да се реорганизира со цел да го помага процесот на пријавување на и водење на меѓународни проекти. Затоа ќе се зајакнат капацитетите на Канцеларијата за меѓународна соработка, преку вработување на нов кадар (вклучително и истражувачи со искуство во подготовка на проекти) на принципот самофинансирање и самоодржливост. Канцеларијата ќе ги следи сите отворени повици, ќе ги информира вработените на УКИМ за истите, ќе остварува контакти со потенцијални партнери, ќе учествува во подготовка на апликациите како и во имплементација на добиените проекти. Исто така ќе се посвети посебно внимание за подобрување во финансиското и сметководствено управување со средствата од проектите.

Една од нашите предности, за која сметам дека е недоволно искористена, е нашата интердисциплинарност и различност. Од друга страна, соработката помеѓу истражувачите од различни области е клучна за нови сознанија и креативност во истражувањето и преставува двигател на новите научни достигнувања. Во таа насока ќе предложам механизми за стимулирање на соработката помеѓу единиците на УКИМ и поврзување на истражувачи од различни научни дисциплини на заеднички проекти. За стимулирање на соработка помеѓу единиците ќе се воведат интерни истражувачки проекти на УКИМ. Преку овие проекти ќе се формираат тимови кои треба да претставуваат јадро за иновативни интердисциплинарни истражувања на УКИМ. Конечно, овие тимови треба да претставуваат основа за формирање на нови истражувачки центри за чие формирање ќе се бараат средства од Европските фондови.

Посебен акцент ќе се стави на поврзување на единиците од општествените, хуманистичките и уметничките области со единиците од STEM (Science, Technology, Engineering and Math) областите. Интердисциплинарните истражувања со вклучување на истражувачи од уметноста, хуманитарните и општествените науки заедно со истражувачите од STEM областите води до сѐ поголеми иновативни решенија за социјалните предизвици во општеството. Во таа насока и акронимот STEAМ (Science, Technology, Engineering, Arts and Math) станува се поприсутен.

За подобрување на интердисциплинарноста во истражувањето ќе се стимулира воведување на нови докторски програми во кои ќе учествуваат истражувачи од различни единици како и од партнери од странство. Овие студии треба да се искористат и за привлекување на студенти од странство.

Главните  области за развој на С. Македонија се дефинирани со Стратегијата за паметната специјализација. Во наредниот период се очекува значителна финансиска поддршка од ЕУ фондовите во овие области. Универзитетите се клучен функционален елемент на паметната специјализација, па следствено, неопходно е на УКИМ да се дефинираат приоритети и насоки на истражување на ниво на поедини единици како и на ниво на УКИМ. На овој начин долгорочно ќе се овозможи одржливо применето истражување кое е во насока на стратешките потреби на економијата. Во таа насока треба да се разгледа и можноста за зголемување на бројот на докторанди преку зголемена соработка со индустријата и реализација на применети истражувачки проекти.

За подигање на капацитетите на вработените на УКИМ во делот на научноистражувачката дејност ќе се формира Фонд за наука и развој. Ќе се донесат соодветни акти со кои прецизно ќе се дефинира неговата цел, како и критериумите за доделување на средствата. Средствата за овој Фонд ќе се обезбедат од средствата кои се издвојуваат од меѓународните проекти кои се имплементираат преку ректоратот на УКИМ. Овие средства ќе се користат главно во функција на развој на науката на УКИМ, како на пример финансирање на интердисциплинарни научни проекти, поттикнување на кадарот за подготовка на проектни апликации, поддршка за подготовка на проектни апликации, поддршка на асистентите за објавување на научни трудови и слично.

Преку едукација, обука и подигање на свеста ќе ја подржиме започната транзиција на УКИМ кон Отворена наука. Отворената наука повикува на отворен поглед и отворен став и влијае на нашиот однос со општеството. Резултатите од истражувањето се достапни за сите заинтересирани во најраната можна фаза. Тоа го менува начинот на кој комуницираме еден со друг и со општеството во целина. Отворената наука ја нагласува „тимската наука“, ја намалува индивидуалната конкуренција и води до отворена академска култура.

Ќе бидат преземени и одредени мерки со цел да се стимулира примената на отворената наука во пракса. На воспоставениот Репозиториум на УКИМ ќе се објавуваат електронските верзии на дипломските, магистерските и докторските дисертации, како и резултатите од истражувањата на вработените на УКИМ. За реализација на оваа цел ќе се направи промена во Статутот и/или Правилата за студирање. Континуирано ќе се врши надградба на репозиториумот со цел истиот да биде компатибилен со останатите европски системи на отворена наука.

Голем број единици располагаат со вредна опрема обезбедена главно преку меѓународни проекти. Ќе се направи единствена база на истражувачката опрема на сите единици на УКИМ, заедно со условите за користење на истата. Со ова ќе им се даде можност на сите истражувачи да имаат пристап до истражувачката опрема без оглед каде е сместена истата. На овој начин ќе се овозможи поефикасно искористување на опремата и засилена соработка помеѓу истражувачките тимови на УКИМ.

Главни цели