ЗА СОВРЕМЕН
ОТВОРЕН И
ИСТРАЖУВАЧКИ
УНИВЕРЗИТЕТ

Проф. д-р Димитар Ташковски

Лична мотивација,

знаење и искуство

Одлуката да се кандидирам за ректор на УКИМ е исклучиво резултат на мојата намера да придонесам за трансформација на УКИМ во современ, отворен и пред сѐ истражувачки универзитет кој ќе биде двигател на промените во општеството. Чувствувам обврска моето акумулирано знаење и богато искуство во делот на обезбедување на квалитет, наставна и научноистражувачка дејност, трансфер на знаење и иновации и раководење на високообразовна институција да ги ставам на располагање и како ректор да му служам на УКИМ и на сите негови вработени и студенти. За поткрепа на моите знаења и искуства ќе наведам дел од моите позначајни активности во различните дејности.

Во периодот од 2006 до 2010 бев главен иницијатор и имплементатор на три Темпус проекти, во чии рамки развивме нови форми на учење (колаборативно учење, комбинирано учење – анг. blended learning) за предметите од областа Дигитално процесирање на сигнали (ДПС), воспоставивме современа лабораторија за ДПС, како и магистерски студии по ДПС. Формиравме мултимедијална училница за учење на далечина, а го имплементиравме и системот за е-учење Moodle, на кој подоцна се префрлија сите курсеви на ФЕИТ. Како продолжение на овие активности, во последните неколку години преку два Еразмус+ проекти развиваме виртуелни лабораториски вежби за дел од предметите од областа ДПС.

Во периодот од 2011 до 2014, бев менаџер за квалитет на ФЕИТ и со работната група ги подготвивме сите процедури за работа на ФЕИТ во рамките на системот за управување со квалитет ISO 9001:2008, со што во 2013 година ФЕИТ стана единствена високообразовна институција во С. Македонија која има имплементиран Систем за управување со квалитет ISO 9001:2008 во сите области на делување, односно во наставната, научнoистражувачката и применувачката дејност. Во два мандата бев член на комисијата за самоевалуација на УКИМ, која ги подготви извештаите за самоевалуација на УКИМ во 2015 и 2017 година.

Трансферот на знаење кон општеството беше еден од приоритетите во моите мандати како декан. Главната имплементација на третата мисија на ФЕИТ ја започнавме со формирањето на Центарот за трансфер на технологии и иновации ИНОФЕИТ во 2018, со што воведовме една нова димензија во работата на високообразовните институции во С. Македонија. ИНОФЕИТ денес е еден од столбовите на иновацискиот екосистем во државата и како таков е признаен во регионални и европски рамки. Дополнително, стекнатиот статус на дигитален иновациски хаб (ДИХ) направи од ИНОФЕИТ и значаен играч во европските програми за поддршка на иновации и имплементација на паметната специјализација во блиска иднина. Фактот што ИНОФЕИТ беше спомнуван во извештајот за напредок на С. Македонија од Европската комисија во 2019 и 2020 доволно говори за неговата препознатливост и отвореност за меѓународна соработка.

Верувајќи дека квалитетот и следење на дефинираните стандарди се клуч за успешен развој и за меѓународна препознатливост на една високообразовна институција, еден од приоритети во мојот мандат како декан беше меѓународна акредитација на студиските програми на ФЕИТ. Затоа, во изминатите 5-6 години посветивме големо внимание на усогласување на студиските програми на ФЕИТ со европските. Во 2022 година, германската агенција за акредитација на студиски програми ASIIN ги акредитираше нашите студиски програми. Со тоа ФЕИТ постана единствената високообразовна институција во државата со меѓународна акредитација на студиските програми.

И покрај тоа што веќе десетина години извршувам раководни позиции на ФЕИТ, најнапред 4 години како продекан за финансии и соработка со стопанството и повеќе од 6 години како декан, неодамнешната анализа за постигнувањата на истражувачите на УКИМ покажа дека сум меѓу првите 50 научници на УКИМ по бројот на објавени трудови во базата SCOPUS во период од 1991 до 2021. Сум раководел и учествувал во имплементација на повеќе од петнаесетина меѓународни проекти. Основач сум на два старт-апа кои добиле три грантови од Фондот за иновации и технолошки развој, како и учесник во повеќе развојни проекти за компании од С.Македонија.

Во делот на инфраструктурата, во мандатниот период како декан, успеавме да создадеме уникатен модерен простор во кој е сместен ИНОФЕИТ, да го завршиме проектот за изградба на енергетска ефикасна фасада на објектите на ФЕИТ, да обезбедиме и инсталираме 3 фото-напонски централи со вкупна инсталирана моќност од 32 KW, да формираме Лабораторија за производство – ФЕИТ ФабЛаб и да креираме модерен простор за истата и комплетно да ја обновиме опремата во речиси сите лаборатории на ФЕИТ. Ја стартувавме партнерската програма на ФЕИТ преку која склучивме голем број договори со реномирани меѓународни и домашни компании и преку кои обезбедивме поголеми перспективи за нашите студенти како и значителна количество најсовремена опрема за поддршка на вежби во нашите лаборатории.

Моите професионални успеси претставуваат доказ за способноста да управувам со високообразовна институција во турбулентен период. Верувам дека моето искуство може да придонесе за побрз и поуспешен развој на УКИМ во наредниот период.